Song of Solomon 5
1 Дојдов во градината своја, сестричке невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои!
2 Спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот возљубен, кој чука: »Отвори ми сестро, мила моја, гулабице моја, совршена моја, зашто главата моја е целата со роса покриена, и косата моја – со ноќна влага.
3 Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измил нозете свои, како да ги валкам?«
4 Мојот возљубен ја протегна раката низ отворот, и срцето мое затрепери од него.
5 Станав да му отворам на мојот возљубен; од рацете ми капеше смирна, од прстите мои пријатен мирис на смирна врз држката од клучалката.
6 Му отворив на мојот возљубен, а мојот возљубен си беше отишол. Душата ми премре, додека тој говореше; го барав, но не го најдов; го викав, но не ми се јавуваше.
7 Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваа градот, ме натепаа, ме изнаранија; ми го симнаа превезот оние, што ги чуваа ѕидиштата.
8 Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Ако го сретнете мојот возљубен, кажете му, дека изнемоштувам од љубов.
9 Со што е твојот возљубен подобар од другите возљубени, о, најубава меѓу жените? Во што твојот возљубен е подобар од другите, па така нѐ заколнуваш?
10 Мојот возљубен е бел и румен, избран меѓу десет илјади други;
11 главата негова – чисто злато; кадрите негови – брановидни, црни како гавран;
12 очите негови – како гулаби крај водни потоци, што се капат во млеко, што стојат задоволни;
13 образите негови – ароматен цветник, леи со миризливи билки; усните негови – кринови од кои капе чиста смирна;
14 рацете негови – златни валци, опсипани со топази; стомакот негов – како сад од слонова коска, обложен со сафири;
15 нозете негови – мермерни столбови, поставени врз златни подлоги; изглед има како Ливан, величествен е како кедар;
16 устата негова – сладост, и целиот тој е пожелен. Ете, кој е мојот возљубен, и ете, кој е пријателот мој, ќерки ерусалимски.